Сашо Петковски-Зеко, претседател на Советот на Општина Аеродром
Сашо Петковски-Зеко, претседател на Советот на Општина Аеродром, едногласно е избран на функцијата на 71-та седница одржана на 26.11.2007 година.
„Горд сум што станав првиот претседател на Советот на Општина Аеродром, кој потпишал 16 детални урбанистички планови одеднаш. Нивната реализација ќе овозможи забрзан развој на општината и подобар живот за граѓаните“, изјави Сашо Петковски, по првата седница со која раководеше.
Роден е на 8.6.1965 година во Скопје, а по професија е сообраќаен техничар. Вработен е во Агенцијата за млади и спорт од 1999 година. Денеска работи во секторот спорт. Во неговата работна биографија стои дека бил советник на првиот министер за млади и спорт, Ѓорѓи Боев. Член е на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, Сашо Петковски-Зеко, покрај неговиот професионален ангажман како спортски работник, и самиот е докажан спортист. Тренирал фудбал во повеќе македонски фудбалски клубови, а во неколку натпревари со своите колеги членови на Советот на Општина Аеродром, ги бранел и боите на Општината.
Во 1988 година настапувал во австралиски фудбалски клуб со македонските иселеници во „Македонија Престон“. Меѓу клубовите во Македонија, за кои настапувал се ФК „Вардар“, Работнички – Кометал“, „Слога“, „Балкан Стококомерц“.
Денес е виш фудбалски тренер со диплома, а како што вели, дури и прекарот Зеко го добил покрај фудбалот. Негова заложба е да се реализираат што повеќе проекти за подобрување на спортскиот живот во Општина Аеродром.
