ПОВИК ДО ЖИТЕЛИТЕ НА ГОРНО ЛИСИЧЕ ДА СЕ ПРИКЛУЧАТ НА КАНАЛИЗАЦИЈАТА ДО АПРИЛ
22.02.2012 08:51
Општина Аеродром ги повикува жителите на Горно Лисиче најдоцна до април 2012 година да се приклучат на фекалната канализација, поточно да извршат ископи од сопствените дворни места до главната канализациска цевка и да извршат уплата за приклучување во износ од 3.335 денари.
Корисниците кои веќе претходно и самоиницијативно го извеле приклучокот на главната канализациска мрежа потребно е да се евидентираат и да извршат уплата за приклучок во износ од 2.500 денари.
Приклучувањето на канализациската мрежа е потребно да го извршат во определениот рок, поради тоа што Општина Аеродром интензивно работи на изведување на фекалната канализација во Горно Лисиче, а по завршување на работите, ќе почне со целосно санирање на улиците, односно асфалтирање.
Со цел да се избегнат дополнителни работи за повторно раскопување на улиците, но и за да се намалат трошоците на граѓаните, односно приклучувањето и евидентирањето на корисниците да биде со минимални финансиски средства, Општината Аеродром и ЈП „Водовод и канализација“ се договорија заклучно со април да бидат изведени сите индивидуални приклучувања на главната канализациска мрежа.
Уплатата на средствата за приклучок или за евидентирање на веќе изведен приклучок може да се изврши на благајната на ЈП „Водовод и канализација“ која се наоѓа на улица „Вељко Влаховиќ“ 11 (зграда на Технометал), или во пунктот на ЈП „Водовод и канализација“ на улица „Гаврил Константиновиќ“ бб (во трговскиот центар во населба Лисиче).
Корисниците кои нема да извршат уплата за приклучување на главната канализациска мрежа до рокот кој е планиран за асфалтирање на улиците, ќе бидат изложени на финансиски трошоци во износ од 16.000 денари кои ќе произлезат од дополнителните градежни активности (раскопување на асфалтната површина, приклучување, асфалтирање и враќање на улицата во првобитна состојба, одобрување на хидротехнички услови за канализациски приклучок и потребни дозволи за одобрување на работите).
Инаку, известување со детални информации е истакнато на јавни места во Горно Лисиче.

22.2.2012
Општина Аеродром





