ЗАВРШИ ТУРНИРОТ ВО МАЛ ФУДБАЛ „СКОПЈЕ 2015“

Со финалниот натпревар на најдобрите две од вкупно 40 екипи во преполниот со публика Спортски центар „Ново Лисиче“, вчера, 24.9.2015 година, заврши четвртиот по ред турнир во мал фудбал „Скопје 2015“.

Најдобра екипа беше ГОСВ Транс, второто место го освои екипата ЕБР Полиција, а трет беше тимот на Колид. За најдобар играч на турнирот беше прогласен Никола Јовановски, а за најдобар голман - Едо Прелевиќ. Покрај медалите и пехарите, победниците добија и парични награди и спортска опрема.

Наградите свечено ги доделија градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, кои порачаа дека турнирот ќе продолжи да се организира и наредните години и ќе прерасне во традиција, со оглед на огромниот интерес како на учесниците, така и на публиката.

Турнирот го организираа Општина Аеродром, Град Скопје и Училишниот спортски клуб „Блаже Конески“, кои ги обезбедија наградите за победниците.

 

25.9.2015

Општина Аеродром