ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА РЕКОНСТРУИРАНАТА УЛИЦА „ГОРНО ЛИСИЧЕ“

Градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски заедно со министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, денеска, 15.1.2016 година, официјално пуштија во употреба една од најголемите улици во Горно Лисиче, која во текот на изминативе неколку месеци беше целосно реконструирана.

Станува збор за реконструкција на истоимената улица „Горно Лисиче“ и тоа на потегот од „12 Македонска бригада“ до црквата „Св. Петар и Павле“.

Вкупната должина на реконструкцијата што ја опфати улицата „Горно Лисиче“ изнесува околу 1,7 километри, со вкупна вредност од околу 14 милиони денари.

Реконструкцијата, исто така, опфати и нивелирање шахти, како и санирање прекопи. Покрај обновувањето на двете улици со нов асфалтен слој со широчина од околу седум метри, обновени се и тротоарите со бекатон-плочки.

„Со реконструкцијата на оваа улица очекуваме значително да се подобрат не само условите за сообраќај, туку и безбедноста во Горно Лисиче“, изјави градоначалникот Коневски.

Освен тоа, како што додаде тој, Општина Аеродром деновиве објави тендер за реконструкција и на уште една улица во Горно Лисиче. Станува збор за комплетна реконструкција на улицата „Ѓорѓи Капчев“ во должина од околу 1.500 метри.

Инаку во текот на 2016 година се планираат и други инфраструктурни проекти во оваа населба, како што се реконструкција на три моста на Усјанскиот канал, нови пешачки патеки на булеварот „Февруарски поход“, поставување хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на улиците „Тодор Чангов“, која беше неодамна комплетно реконструирана и „Горно Лисиче“, која денеска беше пуштена во употреба, поставување клупи, канти за отпадоци и заштитни огради, како и осветлување на паркот во изградба покрај кејот на Вардар.

Годинава, исто така, се предвидени инфраструктурни проекти и за Долно Лисиче, каде се планира да се изгради атмосферска канализација на главната улица, а заедно со Министерство за транспорт и врски и Европска банка за развој на истата улица ќе се реконструира водоводната мрежа, со што се очекува значително да се подобри водоснабдувањето.

 

15.1.2016

Општина Аеродром