„ЛАЛИЊАТА“ ГЛУМАТ ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПРИКАЗНИ НА МТВ

 Детската градинка „Срничка“ од Општина Аеродром во соработка со МТВ ги вклучи децата од големите воспитни групи, од објектот „Лале“, во детската програма, со драматизација на македонската народна приказна „Мрзливата жена и метлата“.

На тој начин децата имаа можност да ги изразат стекнатите сознанија  за културата и традицијата на својот народ и да се воведат во драмската уметност, но и да се запознаат со професијата актер.

Оваа активност се организира не само поради големата методолошка вредност на креативната детска драма, туку и поради тоа што децата на предшколска возраст сакаат да се „преправаат“, без разлика дали си играат во семејно-драмскиот центар или ја драматизираат својата омилена бајка. Драмските игри се детски начин на истражување на човечкото искуство и затоа се вели дека „драмата е практика за животот“.

Детската драма го активира  вниманието и ако на децата автентично им се претстави тоа што треба да го научат, доколку се активно вклучени во процесот на учење, тие  ќе стекнат повеќе информации и искуства, а ефектот врз нивниот развој ќе биде подобар и потраен.

 

31.5.2016

Општина Аеродром