Од 20-ти до 29-ти јуни по третпат во Општина Аеродром

МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ НА КОМЕДИЈАТА „ГОЛА МЕСЕЧИНА“

 На отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“ од понеделник, 20.6.2016 година до 29.6.2016 година, ќе се одржи Меѓународниот фестивал на комедијата насловен како „Гола месечина“.

Фестивалот во понеделник ќе се отвори со претставата АВТОБУСОТ од Станислав Стратиев во режија на Здравко Митков во продукција на Сатиричен театар „Алеко Константинов“ од Софија, Република Бугарија, а завршува со претставата на Театар`Комедија НЕШТО ПРОПУШТАМЕ од Горјан Милошевски во режија на Бојан Трифуновски на 29-ти јуни, кога ќе бидат прогласени и победниците на театарот.

За време на фестивалот публиката ќе може да ужива во осум претстави од Македонија и странство.

Сите претстави почнуваат во 21:00 часот, а влезот за граѓаните ќе биде бесплатен.

Меѓународниот фестивал „Гола Месечина“ ќе има натпреварувачки карактер, со тричлена жири комисија. Ќе се доделуваат четири парични награди и тоа награда за најдобра режија, за најдобра машка и за најдобра женска улога, како и гран при за најдобра претстава. 

Фестивалот годинава се одржува по третпат со што прерасна во традиционална манифестација која континуирано наидува на одличен одѕив кај публиката, која за претставите бара столче повеќе.

Инаку, фестивалот го организира Театар Комедија со финансиска поддршка на Општина Аеродром и Министерството за култура.

 

16.6.2016

Општина Аеродром