Заврши третиот фестивал на комедијата „Гола месечина“

СОФИСКИОТ ТЕАТАР ОСВОИ ГРАН ПРИ ЗА НАЈДОБРА ПРЕТСТАВА

Третото издание на „Гола месечина“ заврши со синоќешната изведба на претставата „Нешто пропуштаме“ на домаќините - Театар Комедија, кои беа надвор од натпреварувачкиот дел и всушност, играа во чест на наградените во категориите најдобар актер и актерка, најдобра режија и најдобра претстава, а за кои решаваше тричлена жири-комисија во состав: Лилјана Мазова, претседател, Славен Видак (БиХ) и Димче Николовски,членови.

Според одлуката на жирито, наградите годинава ги освоија Павле Пекиќ, за најдобра машка улога за ликот на Елинг во претставата „Елинг“, во продукција на Белградско драмско позориште, Ејла Бајовиќ за најдобра женска улога за ликот на Даница Чворовиќ во претставата „Балкански шпион во Сараево“ во продукција на Народното позориште во Сараево, БиХ, покојниот Сулејман Купусовиќ за најдобра режија за „Балкански шпион во Сараево", во продукција на Народното позориште во Сараево, БиХ и „Автобус“, која освои гран-при награда за најдобра претстава во продукција на Сатиричниот театар „Алеко Константинов“ од Софија, Бугарија.

Задоволство е да си гледач на претстава на „Гола месечина“. Секоја вечер се собираа по 1500-2000 луѓе, со кои сите заедно (со оглед на тоа дека влезот беше слободен) докажавме дека парите не го вртат светот, туку дека смеата го врти светот, рече претседателката на жирито Лилјана Мазова.

Фестивалот, на кој беа прикажани 8 претстави, се одржа во организација на Театар Комедија со финансиска поддршка на Општина Аеродром и Министерството за култура.

 

30.6.2016

Општина Аеродром