Општина Аеродром се приклучи кон кампањата против насилството врз жените
ОБОЈ ГО СВЕТОТ ВО ПОРТОКАЛОВО!
Општина Аеродром и оваа година се приклучува кон кампањата со која се одбележува 25-ти ноември – Светскиот ден за борба против насилство врз жените и девојчињата и има за цел да ја подигне свеста за потребата од преземање конкретни мерки за прекинување на насилството, бидејќи секое развивање на свесноста за одреден проблем е првиот чекор кон негово препознавање и решавање, а со тоа и негово искоренување.
Кампањата како и претходните години има глобален карактер, односно во неа се вклучени сите земји од светот и се реализира преку медиумите, невладините организации и други државни и јавни институции, а ќе трае до 10 декември – Ден на човековите права.
Поради тоа, обојте ги и Вие Вашите следни 16 дена со портокалова боја, односно облечете портокалова облека со што ќе ја поддржите кампањата, бидејќи оваа боја е заштитен знак на кампањата и претставува симбол за светла иднина за жените и девојчињата.
Обединетите Нации го прогласија 25-ти ноември за Меѓународен ден за борба против насилство врз жените, инспирирани од бруталното убиство на сестрите Мирабал, политички активистки во Доминиканската Република во 1960 година.
Статистичките податоци укажуваат дека секоја трета жена во светот е жртва на физичко и/или сексуално насилство, најчесто извршено од нејзиниот интимен партнер, а врз околу 7% од жените било извршено сексуално насилство од страна на некое друго лице. Податоците укажуваат дека дури 70 проценти од жените во светот биле жртви на некаков вид насилство во текот на својот живот, а некои од нив за тоа и не биле свесни, односно не го препознале насилството, кое може да се манифестира во најразлични форми, освен физичко и сексуално, може да биде и психичко насилство.
Последните години се води кампања против присилно склучените бракови на малолетни девојчиња со многу години постари мажи, за што податоците укажуваат дека повеќе од 700 милиони девојчиња ширум светот, биле присилно омажени пред нивниот 18-ти роденден, а околу 250 милиони пред нивниот 15-ти роденден.
Кампањата „Обој го светот во портокалово“ подразбира најразлични активности како дебати, симболични собири, осветлување важни споменици и објекти со портокалово светло, кое е симбол на светлата и оптимистичка иднина, без насилство.
Истражувањата спроведени во Светската здравствена организација укажуваат на тоа дека насилството врз жените има долгорочни последици врз нивното психичко и физичко здравје. Жените кои живеат со насилен партнер почесто страдаат од депресија, прекумерно консумираат алкохол, почесто се соочуваат со несакана бременост и абортус, како и сексуално преносливи инфекции, меѓу кои и ХИВ.
За жал, случаи на семејно насилство и насилство врз жените е присутно и во нашата земја, но жртвите не ги пријавуваат насилниците, најчесто поради срам и стигматизација од околината, а сведоците на овие настани одбиваат да преземат нешто за спречување и казнување на насилниците.
25.11.2016 година
Општина Аеродром