ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОНЕВСКИ КУМ НА 21-ТА „МИЧУРИНСКА СРЕДБА“

Во присуство на стотици граѓани на 13.1.2017 година во централниот парк во населбата Мичурин по 21-ви пат се одржа традиционалната „Мичуринска средба“, што ја организира истоименото здружение на граѓани под покровителство на Општина Аеродром.

Традиционално како и секоја година одбележувањето на празникот Василица почна со молитва за мир и кршење василичарска погача со паричка за среќа, по што новиот кум го запали василичарскиот оган. Годинава паричката падна кај градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, кому кумството од минатата година му го предаде градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Во рамките на прославата на големиот православен празник „Свети Василиј Велики“, меѓу народот познат како Стара нова година, се одржа богата музичка програма, а за време на манифестацијата се послужуваше топол чај, сокови, греена ракија, вино и сендвичи.

На Мичуринската средба, која заврши со спектакуларен огномет, присуствуваа градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и голем број истакнати лица од политичкиот и стопанскиот живот во Република Македонија.

Општина Аеродром ќе продолжи да ги поддржува ваквите културно-забавни манифестации сè додека народот покажува интерес за тоа, како што е случајот со „Мичуринската средба“, која од маалско дружење прерасна во масовна традиција за дружба не само на Мичуринци, туку и на граѓани од други населби и општини.

 

16.1.2017

Општина Аеродром