НОВА ИНФРАСТРУКТУРА ВО СТАР АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на денешната, 27.1.2017 година, прес-конференција во Општина Аеродром, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, официјално најавија изградба на нова инфраструктура во населбата Стар Аеродром, поточно изградба на 4 комплетно нови улици, за што деновиве Општина Аеродром објави тендер.

Станува збор за изградба на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, тротоари и јавно осветлување на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“ и новопроектираните улици 4 и 5 во населбата Стар Аеродром во вкупна должина од околу 800 метри и широчина од 7 метри.

Изградбата на овие 4 улици, како што рече градоначалникот Коневски, заедно со неодамнешната реконструкција на улицата „Методија Шаторов – Шарло“ (поранешна Руди Чајавец) значи зајакнување на инфраструктурата во оваа населба со нови објекти за домување и има витално значење за урбаното живеење на нејзините жители.

Новата инфраструктура, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да го задоволи неопходниот капацитет за новите станбени објекти во овој дел од Општината.

Исто така, целосно ќе се реконструира и улицата „Васко Карангелески“, која е во надлежност на Град Скопје, од каде најавија и пробивање нова улица од булеварот „Трета Македонска бригада“ до воениот базен. Улицата „Васко Карангелески“ ќе се реконструира и во делот од Мајчин дом до хотел „Русија“.

Градоначалникот Трајановски, исто така, најави во претстојниот период дека ќе биде завршено и проширувањето на булеварот „Трета македонска бригада“, во тек е проектирање и на булеварот „Борис Кидрич“ од булеварот „Трета македонска бригада“ до Новата железничка станица.

 

27.1.2017

Општина Аеродром