НЕОДАМНА ПОЧНА ИЗГРАДБА НА 4 НОВИ УЛИЦИ ВО СТАР АЕРОДРОМ

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, на денешната (30.3.2017 година) прес-конференција во Општина Аеродром, заедно со градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, информираа за увидот во градежните работи во населбата Стар Аеродром, поточно во изградбата на 4 комплетно нови улици, што почна неодамна.

Станува збор за изградба на фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, тротоари и јавно осветлување на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“ и двете новопроектирани улици 4 и 5 во населбата Стар Аеродром во вкупна должина од околу 800 метри и широчина од 7 метри.

Изградбата на овие 4 улици, како што рече градоначалникот Коневски, заедно со неодамнешната реконструкција на улицата „Методија Шаторов – Шарло“ (поранешна Руди Чајавец) значи зајакнување на инфраструктурата во оваа населба со нови објекти за домување и има витално значење за урбаното живеење на нејзините жители.

Новата инфраструктура, како што рече градоначалникот Коневски, се очекува да го задоволи неопходниот капацитет за новите станбени објекти во овој дел од Општината.

Исто така, целосно ќе се реконструира и улицата „Васко Карангелески“, која е во надлежност на Град Скопје, од каде најавија и пробивање нова улица од булеварот „Трета Македонска бригада“ до воениот базен. Улицата „Васко Карангелески“ ќе се реконструира и во делот од Мајчин дом до хотел „Русија“.

Градоначалникот Трајановски, исто така, најави дека во претстојниот период дека ќе биде реконструиран и булеварот „Февруарски поход“ и тоа од булеварот „Видое Смилевски Бато“ до булеварот „АСНОМ“.

 

30.3.2017

Општина Аеродром