АКЦИЈА ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ НА МИНИ-ДЕПОНИИТЕ ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Општина Аеродром од денеска, 11.7.2017 година (вторник) во соработка со јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ започнува со акција за расчистување на мини-депониите кои се појавија на неколку локации на нејзината територија.

Истовремено, Општина Аеродром апелира до сите несовесни граѓани, кои својот шут, отпад и дотраени апарати и предмети од домаќинство ги фрлаат на места кои не се за таа намена, дека ќе се преземат одредени санкции за спречување на оваа појава. Некои граѓани ѓубрето го оставаат до контејнерите, со што се загадува животната средина и се нагрдува ликот на општината.

Општина Аеродром редовно организира акции за собирање кабаст отпад на целата територија на Општина Аеродром, со што им се овозможува на граѓаните да се ослободат од стариот и неупотреблив мебел и електрични и електронски апарати од домаќинствата.

Исто така, ги повикуваме граѓаните кои итно имаат потреба од подигање кабаст отпад, можат да се јават во ЈП „Комунална хигиена“ на бесплатниот број 0800 222 33, од каде со одреден надомест ќе добијат ваква услуга и во другите денови.

 

            11.7.2017

            Општина Аеродром