Презентиран „Отчет 2013 – 2017“ со над 200 проекти

АЕРОДРОМ Е ЕДНА ОД РЕТКИТЕ ОПШТИНИ БЕЗ ДЕНАР ДОЛГ

„Аеродром е една од ретките општини во Македонија без денар долг и со обезбедени средства за наредните 4 години. Тоа се должи исклучиво на одговорно и домаќинско работење. Пред вас е отчетот од нашето работење. Ве молам внимателно да го прочитате! Тоа е нашата посветена работа, која носи  подобро утре“, изјави градоначалникот Ивица Коневски, на денешната (23.8.2017 година) прес-конференција на која го претстави отчетот за сработеното во текот на неговиот втор мандат од 2013 до 2017 година.

Изминатите 4 години, како што кажа тој, се реализирани повеќе од 200 проекти, со кои се подобри секојдневието на граѓаните, нивното маало, нивната околина. Општина Аеродром прерасна во најпосакувано место за живеење во Република Македонија.

Притоа, како што рече градоначалникот Коневски, ако порано главните спортски настани се одржуваа во другите делови на градот, денес со гордост може да се каже дека Општина Аеродром е спортската престолнина на Република Македонија. Изграден е спортскиот центар „Јане Сандански“, кој полека прерасна во гордост на Општината и симбол на успех. Се изгради и нова спортска сала во Горно Лисиче, како и повеќе мултинаменски спортски игралишта на местата каде што тоа недостасуваше во минатото. Исто така, се изгради и куќа на фудбалот придружена со уште 4 фудбалски игралишта на место кое претставуваше лоша слика за Општината. Денес овие терени ги користат дечиња и млади репрезентативци.

Денес Аеродром е општина, која има 28м2 зеленило по глава на жител, изградени се голем број нови паркови и засадени се повеќе од 50.000 дрвца, кои долгорочно и тоа како ќе влијаат подобрување на животната средина. Изградено е ново училиште во Реонски центар, а во моментов се гради ново училиште во населбата Лисиче. Постојните училишта целосно се реконструирани. Дечињата секоја година добиваат бесплатна училишна облека. „Кај нас во Општина Аеродром се трудиме меѓу децата воопшто да не постојат класни разлики, за тие да можат безгрижно да растат и да се образуваат“, потенцираше Коневски.

Во меѓувреме се изградија три нови детски градинки - во Реонски центар, во Горно Лисиче и во населбата Јане Сандански, наскоро ќе почне изградба и на четврта нова градинка во Ново Лисиче. Во градинките се воведе и бесплатен англиски јазик за сите дечиња.

„Општина Аеродром целосно се урбанизираше. Имено, во руралниот дел изградивме целосна канализација и може со гордост да кажам дека во градот Скопје единствената рурална средина што е целосно урбанизирана се наоѓа токму во Општина Аеродром. Го проширивме по 50 години патот Горно - Долно Лисиче, изградивме тротоари и ново осветлување во руралниот дел, а во моментов се гради и атмосферска канализација и се менува водоводната мрежа во Долно Лисиче. Ги реконструиравме речиси сите улици во Горно Лисиче“, рече Коневски и додаде дека во Аеродром и Ново Лисиче ги проширивме постојните паркиралишта и изградивме дополнителни 3.000 паркинг-места. Изградивме целосно нова инфраструктура на местата каде се изградија нови објекти.

Инаку, отчетот се дели бесплатно на секое семејство во Општината, а може да се види и во електронска верзија на општинската официјална интернет страница ца www.aerodrom.gov.mk, како и на фан страницата на фејсбук https://www.facebook.com/OpstinaAerodrom/videos/1672359179464845/.

 

24.8.2017

Општина Аеродром