Наскоро голема акција за чистење на депониите во Општина Аеродром

Наскоро Општина Аеродром во соработка со Град Скопје и неговите јавни претпријатија ќе организира голема акција за чистење на дивите депонии на целата нејзина територија.

Ова го соопшти градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, на денешниот состанок со надлежните служби од Секторот за комунални работи. Притоа, беше договорено во наредните денови да се направи микро-план со локации што ќе бидат опфатени во акцијата, како и неопходната механизација што ќе биде потребна јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ да ги стават на располагање.

Јавноста ќе биде информирана за динамиката на конкретната заедничка акција за чистење депонии што ќе се реализира со Градот Скопје.

Во акцијата ќе бидат вклучени од 1.000 до 1.500 лица, а добредојдени ќе бидат и волонтери со висока еколошка свест.

Оваа голема еко-акција претставува симболичен почеток на реализација на стратегијата на Општина Аеродром, како локална самоуправа, за целосно чистење на дивите депонии на нејзината територија.

Исто така, за почист Аеродром и континуирано одржување и заштита на јавните површини во иднина ќе се применуваат строги казни за загадувачите на животната средина.

 

10.11.2017

Општина Аеродром

 

Актуелно

img
img img

Видео