Исчистени 27 депонии и 22 зелени потези во Општина Аеродром

Во рамките на големата еко-акција во соработка со Град Скопје саниравме 27 депонии и уредивме 22 зелени потези на територијата на Општина Аеродром.  Конкретно, расчистени се 8 локации во населбата Јане Сандански, 4 во Ново Лисиче, 5 во Реонски Центар „Аеродром“ и Лисиче и 10 во Мичурин, Стар Аеродром и Острово.

Еко акцијата почна во четврток (29.11) и траеше до понеделник (04.12). Во неа учествуваа сите јавни претпријатија на Град Скопје. На терен работеа околу 1.000 луѓе и беше обезбедена соодветна опрема и механизација.

Општина Аеродром продолжува со санирање на другите локации, како и со тековно уредување на сите јавни површини.

Истовремено, комуналните инспектори редовно интервенираат за да нема повторно собирање отпад. Во таа насока ги охрабруваме граѓаните доколку забележат фрлање отпад на несоодветни локации, да пријават на телефонскиот број ‎076 316 515. Потсетуваме дека комуналните инспектори на Општина Аеродром работат во две смени и викенди, односно се достапни секој ден од 08:00 до 22:00 часот.

 

6.12.2017

Општина Аеродром