Нов капитален објект за децата од Академијата на ФФМ

Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин присуствуваше на свеченото отворање на сместувачки капацитет за децата од Академијата на Фудбалската федерација на Македонија.

На настанот присуствуваа претседателот на УЕФА, Александар Чеферин и директорот за технички развој на ФИФА, Марко ван Бастен, како и потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Македонскиот фудбал доби нов капитален објект од огромно значење за условите за работа на најмладите наши фудбалски генерации. Сместувачкиот капацитет е наменет за престој на учениците од фудбалската академија во текот на училишната година, а по потреба ќе се користи и за младинските национални тимови во пресрет на натпреварите.

Новиот објект во склоп на комплексот „Куќа на фудбалот“ содржи сместувачки капацитет за учениците од ФФМ/УЕФА Елитната академија, како и за младите национални тимови. Целосно се опремени за живеење 30 двокреветни соби, апартмани за селекторите и стручните тимови, како и заеднички простории - сала за состаноци, училници и заедничка кујна и трпезарија.

 

16.2.2018

Општина Аеродром