Соопштен репертоарот за „Гола месечина“

На денешната прес-конференција во Театар Комедија беше презентирана програмата на петтиот по ред меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ што ќе се одржи од 18 до 24 јуни во Спортскиот центар Ново Лисиче.

Како што соопштија директорот на Театар Комедија, Сашо Ристовски и селекторот на Фестивалот, актерот и режисер Роберт Ристов, годинава ќе се натпреваруваат три претстави од странство и три од Македонија. Последниот ден кога ќе бидат прогласени победниците, фестивалот ќе се затвори со детска претстава и стендап комедија.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека ова е уникатна можност за сите љубители на театарот да проследат квалитетни претстави од македонската и меѓународната сцена и ги покани граѓаните да бидат дел од оваа културна манифестација.

Меѓународниот фестивал „Гола месечина“ е значајна културна манифестација за нашата општина, која се одржува под отворено небо и предизвикува голем интерес кај граѓаните. Општина Аеродром годинава издвои еден милион денари за поддршка на овој културен настан и дава логистичка и медиумска поддршка.

Инаку, на Фестивалот ќе бидат доделени награди за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка и за најдобра претстава во целост. Од оваа година фестивалот внесе уште една категорија на награда – награда за епизодна улога.

 

21.5.2018

Општина Аеродром