Во недела завршува фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Со комедијата на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица „Дванаесеттата ноќ – спроти Водици“ утревечер завршува натпреварувачкиот дел на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Покрај оваа претстава за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка, гран при за најдобра претстава во целост и за награда за уметнички впечаток ќе се „борат“ и комедиите „Једваносимсобоакаломистобо“ од Босна и Херцеговина, „Синиот портокал“ од велешкиот театар „Џинот“, „Госпоѓа министерка“ од народниот театар во Ниш, „Умри машки“ од народниот театар во Штип и „Кидај из моје кухиње“ на Шабачкиот театар од Србија.

Изборот на најдобрите ќе го изврши жири-комисијата во состав Магдалена Ризова, Иван Лео Лемо и Љупчо Петрушевски, а наградите ќе бидат доделени во недела на свеченото затворање на фестивалот, кога ќе бидат одиграни детската претстава на Театарот за деца и младинци од Скопје „Тоби“ и стендап комедијата на Марјан Ѓорѓиевски.

Фестивалот се одржува на отворена сцена во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, но поради временските услови отворањето беше поместено на сцената на Театар Комедија, а таму ќе се одиграат и другите претстави доколку има невреме до крајот на манифестацијата.

Инаку, фестивалот „Гола Месечина“ игра важна улога во развојот на културниот живот во Општина Аеродром.  Токму затоа Општината и оваа година издвои еден милион денари сопствениот Буџет, а овозможува и логистичка поддршка за успешна реализација на настанот. Организатор на настанот е „Театар Комедија“.

 

22.6.2018

Општина Аеродром