Повик до родителите: Пријавете ги првачињата за парична помош!

 

            Ги покануваме родителите што поскоро да се пријават за еднократна парична помош од 3.500 денари што ги доделува Општина Аеродром на првоодделенчињата запишани во основните училишта на нејзината територија. Овој повик го упатуваме со цел првачињата до почетокот на новата учебна година навреме да ја добијат паричната помош од 3.500 денари.

            Одлуката за доделување по 3.500 денари за првоодделенците првпат е донесена оваа година во Општина Аеродром. За оваа намена, Општината има издвоено околу 2.800.000 денари од сопствениот Буџет за околу 800 првачиња.

            „Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.

            Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со прваче во учебната 2018/2019 година на подрачјето на Општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница (www.aerodrom.gov.mk) во менито за формулари или директно на линкот http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari.

            Барањата можат да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот во канцеларија број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена за почетокот на учебната година.

15.8.2018

Општина Аеродром