Една година отворена и транспарентна Општина Аеродром

 

За илустративен приказ, кликнете ТУКА

 

Општина Аеродром во изминатата година релизираше голем број проекти преку транспарентна, чесна и посветена работа. Новото општинско раководство на чело со градоначалникот Златко Марин работи според приоритетите на жителите на Аеродром, а со цел да овозможи подобри услови за живот за секој од нив.

Обезбедени се повеќе места за дечињата во градинките, изграден е еден нов објект, „Бубамара“ со 8 занимални, вкупна површина од 1.500 квадратни метри и  капацитет за згрижување 270 деца. За оваа намена беа издвоени 40 милиони денари од буџетот на Општина Аеродром. Во оваа насока, изработени се проекти за уште четири нови детски градинки.

Општината ги презеде трошоците за обезбедување на училиштата и почна да ги подобрува условите за образование во основните училишта, а од оваа учебна година почна да доделува по 3.500 денари за секое прваче, со што ги олесни трошоците на родителите. Младите талентирани спортисти за првпат добија по 10 илјади денари. Извршена е реконструкција на детските и спортските игралишта и е поставена нова урбана опрема.

Општина Аеродром финансиски го поддржа Центарот за сензорна терапија „Во мојот свет“, а во соработка со УНДП ангажира 10 образовни и 6 лични асистенти што ќе работат во основните училишта со деца со посебни образовни потреби. Наша цел е да овозможиме еднкакви услови за раст и развој за секое дете.

За здрава животна средина во центарот на општината е поставен прочистувач на воздух „Сити три“, а се поставени и 83 прочистувачи во сите детски градинки во секоја занимална. Насадени се 500 нови садници, а набавивме и 1.800 нови високоизраснати дрвја. Наш врвен приоритет е подигнување нови зелени површини. Во таа насока веќе објавивме јавен повик за изработка на проекти за 4 нови парка. На територијата на Општина Аеродром се организирани повеќе екоакции, во чии рамки се расчистуваа депонии, мини депонии и се уредуваа зелелни површини, а досега се собрани повеќе од 50 кубни метри кабаст отпад. За првпат оваа година Општина Аеродром субвенционира домаќинства за промена кон еколошки систем за загревање. Во соработка со здржението „Гоу греен“ и Ромскиот бизнис-информативен центар, а со поддршка на Град Скопје го реализиравме проектот „Од врата на врата“, во кој беа вклучени околу 400 домаќинства од населбата Лисиче. За подобро управување со отпадот, се собираше пластика од домот на секое домаќинство. На овој начин се подигнува и јавната свест и се овозможува  интеграција на неформалните собирачи на отпад.

Исто така, ја подобруваме комуналната инфраструктура преку реконструкција и изградба на нови улици, водоводна, фекална и атмосферска канализација, 50 нови паркинг-места, а на територијата на Општина Аеродром почна изградба на пречистителен колектор на реката Вардар. Се врши реконструкција на водоводната мрежа на улица „1“ од крак 1 до крак 10 во Долно Лисиче, со кофинансирање европските ИПА-фондови и државатаЗаврши реконструкцијата на улиците „Тодор Чангов број 20“ и „Ѓорѓи Капчев“ број 9, а е предвидена изградба на комплетно нова улица „Новопроектирана 8“ со јавно паркиралиште покрај улицата „Фрањо Клуз“. За поголема безбедност на младите, како и за сите учесници во сообраќајот е поставена нова сообраќајна сигнализација пред училиштата „Блаже Конески“, „Александар Македонски“, „Браќа Миладиновци“, и градинката „Сонце“. Населбата Лисиче целосно ја осветливме, a постојните линии ги заменивме со целосно ново улично осветлување.

Го развиваме културниот живот и ја продлабочивме соработката со граѓанските здруженија. Оваа година го поддржавме фестивалот „Гола месечина“ и го прославивме роденденот на општината заедно со децата од училиштата, градинките и граѓанските организации на нашата територија. Дополнително, настанот имаше хуманитарен карактер и се собираа донации за социјално загрозени семејства. Во план е и изградба на ефикасен механизам за справување со бездомните кучиња. А во наредниот период ќе изградиме три нови парка за миленичиња на различни локации.

Се формира партиципативно тело, во кое претставници од месните заедници, здруженија на граѓани и стручни лица од областа на урбанизмот директно учествуваат во урбанистичкото планирање на општината. Ги санираме штетите и овозможуваме похуман простор за живеење.

Општина Аеродром во наредниот период ќе продолжи во насока на создавање современа, развиена европска општина, со висок стандард на урбано живеење и подобри услови за сите граѓани.

 

            23.11.2018

            Општина Аеродром