Иницијатива за изучување италијански јазик во Општина Аеродром

 

Амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео, денеска беше во работна посета на Општина Аеродром. На средбата со градоначалникот Златко Марин, на која присуствуваа секретарот на Општината, Пламенка Бојчева, како и директорите на основните училшта „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“ и „Александар Македонски“ во срдечна атмосфера се дискутираше за можната соработка во областа на образованието.

Притоа, амбасадорот Ромео ја истакна клучната пресвртна точка на италијанскиот јазик во Македонија, бидејќи од оваа година, со одлука на македонската Влада, влезе со закон во наставните програми во Македонија како втор странски јазик по избор, со што е овозможено изучување на италијанскиот јазик во основните училишта. Тој ја нагласи вредноста на италијанскиот јазик како средство на цивилизацијата, и затоа Амбасадата придава највисок приоритет на промоцијата на италијанскиот јазик и култура во соработка со локалните власти. Сепак, ова, како што рече амбасадорот Ромео, не би сакал да се сфати како натпревар со другите јазици, туку како понуда на учениците да имаат можност за изучување на уште еден странски јазик.

Во таа насока градоначалникот Марин најави дека Општина Аеродром во претстојниот период ќе спроведе анкета во основните училишта за да се види дали има интерес меѓу учениците за изучување на италијанскиот како втор странски јазик и изрази надеж дека веќе од наредната учебна година ќе заживее иницијативата за изучување на овој јазик во Општина Аеродром. Доколку почне да се изучува италијанскиот јазик, рече градоначалникот, учениците и Општина Аеродром уште повеќе ќе се доближат до италијанскиот народ и култура.

Средбата, исто така, беше искористена и за отворање можност за соработка на Аеродром со некоја општина во Италија.

 

 13.12.2018

Општина Аеродром