Со буџетот за 2019 ‒ повеќе пари за граѓаните

Советот на Општина Аеродром на последната седница го изгласа буџетот за 2019 година во износ од околу една милијарда денари.

Општина Аеродром во 2019 година ќе се фокусира кон заштита на животната средина и кон преземање повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето. Една од главните цели наредната година ќе биде подобрување на условите во образованието, грижата за младите и за ранливите категории.

Во таа насока, ќе се проширува основното училиште „Лазо Ангеловски“ со дополнителни училници, во две основни училишта е планирана изградба на лифтови за деца со посебни потреби, во неколку училишта ќе се постават и пристапни рампи, а за најмалите е планирана изградба на нова детска градинка. Општина Аеродром во 2019 година ќе им додели парични награди на најдобрите ученици и наставници. Се планира и набавка на прочистувачи на воздух за училниците во кои се одвива целодневна настава, додека во училиштата што се греат на нафта ќе се воведе систем за греење со котел на пелети, каков што беше поставен во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од оваа грејна сезона.

Буџетот за 2019 година предвидува средства за ангажирање фирма што ќе се грижи за одржување на јавната чистота, а ќе се зголеми и бројот на сезонските работници.

Во делот на заштита на животната средина, предвидени се субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци, за велосипеди и за инвертер клима-уреди, набавка на мерачи за испитување на квалитетот на воздухот, како и проект за собирни центри за селектирање отпад. Но сепак, приоритет ќе се стави на подигнувањето нови површини со зеленило, и тоа преку изградба на четири нови парка и реконструкција на два постојни, како и натамошно садење нови високостеблести дрвја.

Општина Аеродром во 2019 година продолжува со инфраструктурниот развој, при што ќе се изградат сервисни улици и паркинг-простори во населбите Мичурин, Стар Аеродром и Ново Лисиче, водовод, атмосферска и фекална канализација, како и реконструкција на јавното осветлување.

Буџетот за 2019 година, како и лани, изработен е според предлозите и потребите на граѓаните.

За увид на јавноста, буџетот е достапен на официјалната веб-страница на Општината на следниов линк: http://aerodrom.gov.mk/page/budget

28.12.2018

Општина Аеродром