Од утре упис на првачиња во Аеродром според протокол

              Од утре, 1.6.2020 година, почнува уписот и тестирањето на првачињата во сите основни училишта во Општина Аеродром и тоа по строго утврдени правила како мерки за заштита од корона вирусот.

Пред влезот на секое училиште ќе има поставено средство за дезинфекција на обувките и рацете, како и едукативно-инфотмативни материјали за почитување на заштитните превентивни мерки.

На сите родители и деца кои имаат закажан термин за упис, и тоа во интервали од 20 минути, на влезот ќе им се мери  температурата со дигитален топломер.

Родителите задолжително треба да носат заштитна маска на лицето и ракавици и да одржуваат физичко растојание. Исто така, треба да знаат дека е строго забрането групирање на присутните во училиштето.

Разговорот со секое дете што се запишува во прво одделение ќе се врши во определена просторија за таа намена, која овозможува најмалку 2 метри оддалеченост меѓу присутните. Во неа може да присуствуваат само членовите на Комисијата за запишување, детето и еден од родителите или старателите на детето. Просторијата почесто ќе се проветрува, по можност за време на разговорот и задолжително во текот на паузите.

По завршување на секој разговор просторијата ќе се исчисти и со специјално средство против вируси ќе се дезинфицираат работната површина на која се работело со детето и подот. Во оваа просторија и на излезот од училиштето ќе бидат поставени корпи за отпадоци со капак.

Апелираме да се почитува овој протокол за упис на првачињата, изготвен во согласност со препораките на Министерството за образование и наука.

31.5.2020

Општина Аеродром