Извидничко-поречанскиот одред „Галеб“ доби простории од Општина Аеродром

 

Извидничко-поречанскиот одред „Галеб“ по повод Светскиот ден на извидниците, 22 февруари, доби на користење простории од Општина Аеродром, лоцирани на раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и претседателката на Советот, Ивана Цветковска, се сретнаа со претставници на Старешинството на одредот.

Извидниците ќе можат да го адаптираат овој простор кон своите потреби и да го користат за реализација на своите активности.

„Извидништвото е особено значајно затоа што придонесува за физичкиот, менталниот и духовниот развој на младите луѓе, со цел тие да имаат конструктивна улога во општеството, притоа развивајќи ги вештините за снаоѓање во природа и во други сфери од живеењето, кои понатаму ќе им помогнат во животот“, истакна градоначалникот Марин.

„Илјадници извидници во изминатите децении растеа и се развиваа во Општина Аеродром. Тоа се луѓе што од најмали нозе учат како да живеат во согласност со природата“, изјави претседателката на Советот, Цветковска.

И оваа година ќе се одбележи Светскиот ден на извидниците со активности под мотото „Направи добро дело“. Извидниците и извидничките одреди реализираат активности на локално и национално ниво како крводарителски акции, помош во борба со Ковид-19 пандемијата, социјална помош за лицата на кои им е најпотребно, собирање донации, згрижување на улични животни,  како и забавни активности за сите деца и млади.

Општина Аеродром продолжува да ги поддржува младите и сите нивни активности, затоа што тие се нашата иднина.

21.2.2021

Општина Аеродром