Општина Аеродром дел од Конгресот во Анкара посветен на младите: Отвораме нови хоризонти!

Претставници на Аеродром, како единствена општина од Македонија, определена да стане лидер во регионот, учествуваа на Конгресот на општини поддржувачи на младите (Youth Friendly Municipalities Congress) што се одржа неделава во турската престолнина Анкара, на кој покрај турските, беа присутни и општини од Кипар и Азербејџан.

Учеството на Конгресот, на кој се обрати и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, беше добра можност да се стекнат и да се разменат искуства од позитивните практики во приближување на политиките на локалната самоуправа кон потребите на младите и спречување на нивниот одлив од државата.

На маргините на Конгресот претставниците на Општината остварија средби со заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски, кој исто така имаше обраќање на Конгресот, како и со македонскиот амбасадор во Турција, Ханиф Даути. На средбите беа разгледани можности за соработка на Општина Аеродром со Министерството за локална самоуправа преку заеднички меѓународни проекти за развој, како и за можноста за збратимување со некоја градска турска општина од Анкара или од Истанбул.

Учеството на Конгресот отвори сосема нови хоризонти за Аеродром, како општина посветена на младите за обезбедување уште подобри услови за нивниот развој затоа што тие се нашата иднина. За таа цел, потребно е постојано да се обезбедуваат повеќе фондови за зајакнување на улогата на младите и да им се дава несебична институционална поддршка, како и повеќе простор тие самите да ја обликуваат својата иднина.

 

27.8.2021

Општина Аеродром