АЕРОДРОМ И СКОПЈЕ ДОБИВААТ НОВ МЕГАПАРК ОД 100 ИЛЈАДИ КВАДРАТНИ МЕТРИ

 

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска ја посетија локацијата на која ќе се гради нов мегапарк, предвиден во програмите на двајцата кандидати.

Паркот ќе опфаќа површина од околу 100 илјади квадратни метри и ќе се протега на потегот од паркот кај последна петка сè до паркот „Авион“. Предвидено е мегапаркот да стане еден од најголемите паркови на територијата на Град Скопје, претворајќи го ова заборавено место во вистинска локација за релаксирање на жителите.

„На оваа локација до пред десетина дена имаше дива депонија на која секојдневно противзаконски се истураше ѓубре без никаква санкција и без никаков надзор. Сега веќе тоа е минато. Оваа локација почнува да се чисти. Санкционирани се неколку трговски друштва и веќе и тие знаат дека во Аеродром не се толерираат нови диви депонии. Уште во кампањата заедно со градоначалничката Арсовска зборувавме за нов мегапарк од околу 100 илјади квадратни метри со зелена површина и разни рекреативни содржини,“ изјави градоначалникот Муцунски, потенцирајќи дека мегапаркот е од интерес на сите жители на Аеродром и Скопје.

Градоначалничката Арсовска ја потенцираше важноста на мегапаркот за жителите на главниот град и дека тој претставува еден од топ 15 проекти од нејзината програма.

 

10.11.2021

Општина Аеродром