НОВА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО ГОРНО ЛИСИЧЕ

 

„Денеска на мое огромно задоволство, а верувам и на задоволство на многу родители, можеме да го најавиме новиот заеднички проект на Општина Аеродром и на Министерството за труд и социјална политика за изградба на нова детска градинка во Горно Лисиче“, изјави на денешната (30.8.2015) прес-конференција градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Новата детска градинка, што тој и министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ја најавија, ќе има капацитет за околу 100 дечиња од Горно Лисиче и ќе биде изградена на местото на некогашната стара спортска сала во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“.

Според проектот, објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип на институции и ќе овозможи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.

Објектот ќе содржи две големи занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли и административен простор и тоа на површина од 320 квадратни метри.

Се разбира, детската градинка ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.

Изградбата на нова детска градинка, како што рече градоначалникот Коневски, е реална потреба со оглед на зголемениот број дечиња во нашата општина. Грижата за децата е континуирана. Претходно ја изградивме градинката „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“, a ги проширивме и капацитетите на постојните детски градинки и целосно ги реконструиравме, со цел да се овозможат што подобри услови за престој и воспитување на децата од претшколска возраст, за тие да израснат во достоинствени граѓани на Република Македонија, додаде тој.

 

30.8.2015

Општина Аеродром