ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА НАЈГОЛЕМИОТ ПАРК ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски денеска, 28.7.2016 година, свечено пуштија во употреба нов парк покрај реката Вардар.

Станува збор за најголемиот парк во Општина Аеродром на површина од 100.000 квадратни метри. Покрај огромната површина парковско зеленило и садници, новиот парк содржи трим патеки, чешми за пиење вода, клупи, канти за отпадоци, летниковци, жардиниери, повеќенаменско спортско игралиште, две детски игралишта, хидрантска мрежа, како и осветлување со над 150 канделабри. Есенва се очекува во паркот да се насадат и околу 600 дрвца.

„Со хортикултурното и партерното уредување на овој простор создадовме уште едно пријатно катче за престој во Општина Аеродром, во кое, убеден сум, сите генерации ќе си најдат свој простор“, рече градоначалникот Коневски.

На тој начин, додаде тој, локалитетот на којшто е изграден паркот од запуштен простор и лоша слика за општината, се претвори во зелен и модерен појас, каков што естетски му прилега на едно урбано крајбрежје покрај реката Вардар. 

Градоначалникот Трајановски, пак рече дека со изградбата на овој парк ќе се придонесе во подобрувањето на животната средина во Општина Аеродром.

Вкупната вредност на паркот изнесува 50 милиони денари.

Инаку, Општина Аеродром за подобрување на квалитетот на животната средина, во изминативе неколку години изгради 10 големи зелени паркови со вкупна површина од околу 200.000 квадратни метри нова зелена површина, што претставува половина од новото зеленило во Градот Скопје.

 

28.7.2016

Општина Аеродром