Помош од 300.000 денари за лицата со аутизам од здружението „Во мојот свет“

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска, 7.11.2017 година, оствари средба со претставници на Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и аспергеров синдром „Во мојот свет“.

На средбата претставниците побараа 300.000 денари за вработување две лица во втора смена. Градоначалникот ќе ги одобри овие средства и истакна дека ќе ја продлабочи соработката. Здружението „Во мојот свет“ има потреба и од простории, а Марин се заложи да помогне по ова прашање. Градоначалникот и претставниците дискутираа и за организирање меѓународна конференција за оваа проблематика.

Здружението „Во мојот свет“ веќе соработува со градинките и училиштата од Општина Аеродром во сферата на едукација на кадри. Марин вети дека Општината ќе продолжи да се залага за уште поуспешна соработка и да нуди постојана поддршка.

„Ветувавме целосна поддршка и инклузија на лицата со попреченост и почнавме веднаш со работа во таа насока. Очекувам уште многу заеднички корисни проекти, со цел максимална инклузија за секој граѓанин“, изјави градоначалникот Марин.