Евроамбасадорот Жбогар во посета на Општина Аеродром

 

Шефот на Делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, вчера ја посети Општина Аеродром и разговараше со градоначалникот Златко Марин во врска со активностите околу прославата на Денот на Европа – 9 Мај.

И оваа година аеродромци можат активно да се вклучат во низата настани по тој повод како што се скопскиот маратон, планинарскиот марш на Водно, дебати и други културни манифестации.

Токму Општина Аеродром годинава имаше чест да го почне одбележувањето на овој европски празник со традиционалниот ликовен хепенинг за децата од детските градинки и од основните училишта на тема „Моите соседи како мои пријатели“. Целта на оваа манифестација е да се развие детската уметничка креативност и инвентивност и европските вредности да се доближат до младата популација од Аеродром. Цртежите од ликовниот конкурс, како и наградените творби, ќе бидат изложени во трговскиот центар „Капитол мол“ до 9 мај.

Инаку средбата Жбогар – Марин беше добра можност покрај ликовниот конкурс, тие да разменат мислења и околу состојбите и активностите во општината, евроинтегративниот процес и други актуелни прашања.

 

19.4.2019

Општина Аеродром