Ученици и наставници од Европа преку „Еразмус +“ во посета на Општина Аеродром

Денеска Општина Аеродром ја посетија основци од неколку европски држави, кои преку програмата „Еразмус плус“, престојуваат во Скопје.

Домаќин беше ООУ „Димитар Македонски“, а гости ученици од четири земји: Хрватска, Турција, Полска и Португалија. Учениците имаа можност да разменат искуства и да ги запознаат културата и образовниот систем од различни земји и националности.

            Проектот „Еразмус плус“ придонесува за кршење на предрасудите и стереотипите за одделни земји, нации и религии, но пред сè, помага во справувањето со проблемите и предизвиците во воспитно-образовниот процес и развојот на децата, споделувајќи ги и негувајќи ги европските вредности.

            Исто така, преку оваа програма, воспитувачи и наставници од Бугарија, Хрватска, Италија и Португалија престојуваа во градинката „Срничка“. Тие ја посетија и Општина Аеродром, а ги прими секретарот на Општината, Марица Ѓурческа, која ја поздрави иницијативата за размена на едукативни искуства, што придонесува за подобрување на образовниот процес.

            Проектот е финансиран од Европската комисија преку Националната агенцијата за европски образовни програми и мобилност  со цел размена на искуства и добри практики.

14.11.2019 година

Општина Аеродром