Наставници од ООУ „Лазо Ангеловски“ преку Еразмус+ на прва мобилност во Хрватска

Наставниците од ООУ „Лазо Ангеловски“ од Скопје учествуваа на прва мобилност на наставници во рамките на Еразмус+ КА229 проектот „Млади новинари денес – одговорни дигитални граѓани утре“ што неодамна се одржа во Хрватска.

Во рамките на мобилноста што се одржа во периодот од 21 до 25 октомври во Загреб, Хрватска, освен од нашата земја, присуствуваа членови од партнер-училиштата од Хрватска, Романија, Шпанија и Србија.

Главните цели на мобилноста беа воспоставување заеднички концепт на дигиталните училишни весници, планирање на темите за работилниците за медиумска и дигитална писменост, како и развивање на компетенциите на учесниците за публикација и уредување на дигитални училишни весници.

На првиот ден од мобилноста учесниците го посетија училиштето координатор „Свети Петар“, Ореховец, каде што беше претставен нивниот училиштен дигитален весник Klinček (www.klincek.com), кој постои од 2013 година и во него се објавени 740 натписи.

За време на посетата, наставниците присуствуваа на неколку презентации, и тоа: „Заштита на детските права во медиумите“, предавање и квиз за познатата новинарка и писател Марија Јуриќ Загорка, „Медиумска писменост“, презентација на детското списание „Модра ласта“, а учествуваа и во работилниците: „Новинарски форми“ и „Како да се подготви квалитетна работилница“. Освен презентациите и работилниците поврзани со цели на проектот, беа одржани и состаноци на кои се координираа идните активности на проектот.

Повеќе информации за активностите за време на мобилноста, како и информации за самиот проект можете да најдете на следниве линкови:

http://oulazoangelovski.com.mk/?page_id=6697

https://youngjournalists.home.blog/.

 

15.11.2019

Општина Аеродром