Училиштата во Аеродром почнуваат со онлајн-настава

Денеска во просториите на Општина Аеродром се одржа консултативен состанок со директорите на основните училишта од општината, кои добија насоки за продолжување на едукативниот процес на учениците преку онлајн-платформата на Гугл класрум (Google Classroom). Оваа апликација овозможува двонасочна комуникација и интеракција меѓу наставникот и ученикот.

На состанокот стана збор за начинот на кој ќе се спроведе е-наставата од прво до деветто одделение, кој ќе се одвива по истиот наставен план на училиштата. Сите одделенски и предметни наставници веќе од понеделник ќе го почнат наставниот процес со зададени цели, содржини и задачи.

Целта на овој начин на настава е да се одржи континуитетот во учењето, да се следи повратната информација на ученикот и неговата улога за истражување и следење на насоките од наставниците. Тука, секако, најважна е улогата на родителите во насока на поддршка на децата во совладувањето на наставните содржини и зададените домашни задачи.

 

18.3.2020

Општина Аеродром