„Лазо Ангеловски“ ќе добие 4 нови училници

Денеска почна изградбата на четири нови училници во рамките на основното училиште „Лазо Ангеловски во Ново Лисиче.

Проектот предвидува да се изградат приземје и кат со вкупна површина од 390 м2, односно четири нови училници, хол, канцеларии и санитарни јазли, што ќе бидат поврзани со веќе постојниот објект на училиштето. Изградбата на новите училници е од исклучителна важност за учениците, бидејќи не само што ќе се прошири капацитетот на училиштето, туку ќе се реши и деценискиот проблем, така што конечно ќе може да се укине третата смена.

Општина Аеродром континуирано вложува во подобрување на условите во образованието. Во изминатиот период се опремени сите осум основни училишта со нова спортска опрема и облека, реконструирана е спортската сала во училиштето „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче, а наесен ќе биде готов и новиот објект на училиштето. Исто така, оваа година е предвидено сите училишта да добијат смарт-табли и современа ИКТ-опрема, а ќе се постават и лифтови за ученици со посебни потреби во училиштата „Александар Македонски“, „Гоце Делчев“, „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“.

28.1.2021

Општина Аеродром