Аеродром ја дочекува пролетта со илјадници нови садници

 
Продолжува зазеленувањето на Општина Аеродром, каде на голем број локации се засадуваат различни видови дрвја во пресрет на пролетта.
Денеска градоначалникот Златко Марин и учениците од основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ засадија зимзелени и листопадни дрвја од видот туја, јасен и платан во дворот на училиштето.
„Зазеленувањето на Општината е мој врвен приоритет, затоа што тоа е еден од главните чекори до постигнување здрава и чиста животна средина. Денеска заедно со учениците засадивме нови дрвја, а преку ваквите акции, исто така младите генерации учат колку е важно да се грижат за природата. Ја користиме пролетта да ги обновиме постојните и да им обезбедиме на аеродромци повеќе чисти зелени површини“, порача градоначалникот Марин.
Пред неколку дена и дворот на основното училиште „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче беше претворен во мала зелена оаза. Градоначалникот и вредните раце на учениците таму засадија околу 700 најразлични дрвја и хортикултурно го уредија училишниот двор.
И паркот Нирнберг неодамна доби нови садници, а пролетното зазеленување продолжува и во наредниот период на голем број локации низ Општината со разновидни дрвја. 
Исто така, Општина Аеродром во соработка со Извидничко-поречанскиот одред „Галеб“ ќе создаде парк на извидниците, нова зелена површина, по повод 66 години од основањето на овој одред. Паркот е планирано да биде уреден во непоседна близина на просториите што Општината неодамна му ги додели на овој Одред, а се наоѓа на раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“.
Општина Аеродром останува посветена на создавање нови зелени површини и хортикултурно уредени катчиња, затоа што вложувањето во животната средина е трајна придобивка на сите сегашни и идни генерации.
 
12.3.2021
Општина Аеродром