Се гради нов објект на детската градинка „Црвенкапа“ во Стар Аеродром

 

Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, како и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска денеска направија увид во градежните активности на изградбата на новиот објект „Црвенкапа“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во Стар Аеродром со капацитет за згрижување на 200 деца.

Новата зграда ќе биде поврзана со веќе постојниот објект и ќе има површина од 1 700 квадратни метри. Проектот предвидува изградба на осум занимални, посебни простории, кујна и санитарни јазли.

            „Оваа градинка е од исклучително значење за населението на овој дел од Аеродром. Тука има нови згради со млади семејства, кои бараат место повеќе во градинките. Се радувам што во скоро време дечињата од овој дел ќе добијат нова и современа градинка“, изјави градоначалникот Марин.

Општина Аеродром е фокусирана на обезбедување беспрекорни услови за раст и развој на нашите  најмлади жители, додаде градоначалникот Марин. Пред две години беше пуштен во употреба новиот објект на детската градинка „Буба Мара“ изграден според сите современи стандарди и со капацитет за згрижување 200 деца, а неодамна за прв пат беше целосно реконструирана кујната на градинката „Буба Мара“ во населба Лисиче. Континуирано работиме на одржување и реновирање на објектите на детските градинки на ниво на целата територија на Општина Аеродром.

Упатувам честитки до градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин и до Советот на Општината за овој капитален проект и особено за грижата што ја покажуваат безрезервно поддржувајќи ги сите проекти што се однесуваат на реконструкција на градинките“, изјави премиерот Заев.

Министерката Шахпаска објасни дека во новата градинка ќе биде обезбеден престој, нега, исхрана, воспитно-образовни и други забавни активности со европски и светски стандарди конкретно на 170 деца на возраст од 2 до 6 години и 30 деца - бебиња на возраст од нула (0) до 2-годишна возраст. Таа му посака на градоначалникот реализација на уште нови вакви капитални проекти.

 

2.6.2021

Општина Аеродром