Објектот „Чекорче“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во населбата „Јане Сандански“ добива комплетно нов под по цели 35 години.
Проектот ги опфаќа двата ката на објектот, каде што стариот и дотраен паркет се заменува со модерна антибактериска подлога. Станува збор за современа подлога која е од исклучително значење за правилен и здрав раст и развој на дечињата.
Изминатиот период се обнови и надворешноста, односно фасадата на објектот „Чекорче“, која ги задоволува сите стандарди на енергетска ефикасност.
„Значајна е секоја реконструкција и реновирање на објектите затоа што дечињата мора да престојуваат во здрава и пријатна средина, тие се нашата иднина“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Во февруари, годинава, во клонот „Пчелка 2“ во рамките на градинката „Буба Мара“ во населбата Лисиче целосно се реконструираше главната кујна, за прв пат од изградбата на објектот во 1980 година. Во 2019 година беше пуштен во употреба целосно нов објект во Ново Лисиче со капацитет за згрижување на 200 дечиња.
Исто така, неодамна почнаа градежните активности на изградбата на новиот објект „Црвенкапа“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во Стар Аеродром со капацитет за згрижување на 200 деца.
18.8.2021
Општина Аеродром
30-04-25
Општина Аеродром во наредниот период започнува со целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче, а исто така се започнува и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче.