Отворена сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“

 Во рамките на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“ денеска во ООУ „Блаже Конески“ во присуство на првата дама на Македонија, Елизабета Георгиевска, како и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска, беше отворена сензорна соба за деца со посебни образовни потреби.

Собата содржи сензорни елементи како туба, огледало и диско-топка за деца од аутистичниот свет, спортско катче за деца со нарушена моторика, темно катче како засолниште за смирување на децата што имаат потреба да се осамат во одреден период, катче за релаксација со лулашка и трамболина каде што преку нишање и скокање се ослободува стресот и вишокот енергија, како и катче за дидактичка стимулација за подобрување на математичките и јазичните вештини. За работа со овие дечиња е ангажиран специјален искусен едукатор и рехабилитатор, а сензорната соба може да ја користат и други лица и ученици, на кои повремено им се потребни сензорните елементи, како, на пример, првоодделенчињата за адаптација.

Општина Аеродром за изградба на сензорната соба и за набавка на опремата од својот буџет издвои 300 000 денари, а со своја донација учествуваше и компанијата „Евроинс“.

Инаку, иста сензорна соба се гради и во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, која наскоро ќе биде пуштена во употреба, а со заеднички средства на Општина Аеродром и општествено одговорни компании беше изградено инклузивно детско и спортско игралиште во дворот на ООУ „Лазо Ангеловски“. Слично инклузивно игралиште се гради и во дворот на ООУ „Љубен Лапе“.

 

6.9.2021

Општина Аеродром