Аеродром домаќин на Меѓународниот кошаркарски турнир „Драган Василов – Цевка“

На иницијатива на Општина Аеродром, претстојниот викенд во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одржи Меморијален кошаркарски турнир „Драган Василов – Цевка“. На турнирот што се игра во чест на човекот кој целиот свој живот го посвети на кошарката и работа со млади категории, ќе настапат осум екипи составени од кошаркари до 16 години.

Покрај македонските МЗТ Скопје Аеродром и Вардар, своето учество го потврдија Црвена ѕвезда и Реал Гуровиќ Академија од Србија, Академик Пловдив од Бугарија, Слован Љубљана од Словенија, Шопрон од Унгарија и Клуж од Романија.

„Општина Аеродром за организација на овој турнир од својот буџет одвои два милиона денари“, изјави претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска и додаде дека Општината секоја година овој период ќе овозможи Спортскиот центар „Јане Сандански“ традиционално да стане центар и збиралиште на најталентираните младински кошаркари во регионот, благодарение на Драган Василов – Цевка, за никогаш да не се заборави неговот име.

Општина Аеродром тоа го покажа и неодамна со именувањето на баскет-игралиштето, кое го изгради заедно со АМС и го именуваше - Кошаркарски центар „Драган Василов – Цевка“.

Турнирот доби поддршка и од Кошаркарската федерација на Северна Македонија.

„Чест и задоволство ми е што Кошаркарската федерација на Македонија е дел од овој турнир. Ние ќе ги обезбедиме службените лица и стрим од натпреварите. Се надевам дека турнирот ќе стане традиционален, затоа што Драган Василов – Цевка заслужува и многу повеќе. Но и ова е само почеток“, рече Перо Антиќ, претседателот на КФСМ.

На денешната прес-конефернција учествуваше и првиот човек на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски.

„Респектабилен е составот на клубовите што доаѓаат на овој турнир. Цевка заслужи ваков турнир. И генерацијата е одбрана, бидејќи тој работеше со младите. Сите што ја сакаат кошарката ќе имаат убава можност да уживаат во некои нови идни ѕвезди, а ние уште еднаш, заедно со семејството да се потсетиме на големото дело на Цевка“, изјави Димевски.

Од името на семејството, за организацијата на турнирот се заблагодари синот на Драган, Горан Василов.

„Овој турнир е доказ дека вредностите се вечни и се почитуваат. Дека се ценат личностите кои придонеле секој на свој начин за развој во струката во која работи. Така и приказната за мојот татко, кој произведе низа квалитетни играчи и генерации што го носеа националниот дрес на чии успеси и ден-денес сме горди“, рече Горан Василов.

Свеченото отворање е на 9 септември во 19 часот по што ќе има натпревар во забивање, а од петок до недела се натпреварите. Во салата ќе може да присуствуваат 30 отсто од капацитет на гледачи со ПЦР или Ковид-сертификат.

7.9.2021

Општина Аеродром