НОВО ЛИСИЧЕ ДОБИВА ПЕШАЧКА И ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА

Ново Лисиче добива велосипедска и пешачка патека по должина на булеварот „Србија“ со вкупна површина од 3.400 м2. Со ова конечно ќе се уреди овој потег што досега беше ризичен за пешаците и велосипедистите. Увид во градежните активности денеска извршија градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и директорот на ЈП „Улици и патишта“ - Скопје, Борис Настов.
 
Патеката која е со вкупна должина од 850 метри и е широка 4 метри, ќе опслужува како пешаци, така и велосипедисти, а при нејзината изведба особено се внимава на зачувување на постојните зелени површини.
 
Со изградбата на оваа велопатека, која опфаќа површина од 1.700 м2, всушност почна реализацијата на проектот „Велодром“, што беше едно од клучните ветувања на градоначалникот Муцунски. Патеката покрај булеварот „Србија“ е дел од планираните велопатеки на различни локации низ општината, со што значително ќе се подобри инфраструктурата, а со тоа ќе се зголеми безбедноста на пешаците, велосипедистите и сите други учесници во сообраќајот.
 
Истовремено, ЈП „Улици и патишта“ работи и на изградба на пешачка патека на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ со должина од 300 метри и широчина од три метри. Патеката е на потегот од булеварот „Февруарски поход“ кон булеварот „Србија“.
 
02.03.2022
 
Општина Аеродром