ОПШТИНА АЕРОДРОМ ПОДГОТВЕНО ЈА ДОЧЕКА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

Летниот распуст заврши и во осумте основни училишта во Општина Аеродром годинава ќе учат околу 6.000 ученици. Од нив околу 900 се првачиња, за кои првиот училиштен ден претставува празник што се памети цел живот.

Според податоците за бројот на ученици во Општина Аеродром, бројот на првачиња расте секоја година. Така, минатата и предминатата година имало запишани по околу 800 првачиња, во 2012 година 780, додека во 2011 година само 600 првоодделенци.

Со оглед на тоа што образованието е услов за подобар живот на секој човек, Општина Аеродром заедно со раководството на основните училишта, кои се под нејзина надлежност, се погрижи на учениците да им овозможи што подобри услови за учење и свечен прием со пригодна програма за одбележување на почетокот на новата 2015/2016 учебна година.

Во текот на летото, додека траеше ученичкиот распуст, училиштата се подготвуваа за успешен старт на новата учебна година, при што дел од училиштата беа реновирани, онаму каде што имаше пoтреба беа извршени поправки, дел од училниците, канцелариите, ходниците и фасадите беа варосани и исчистени, а дворовите уредени. Оттаму, може да се рече дека основните училишта во Општина Аеродром подготвено ја дочекаа новата учебна 2015/2016 година.

Исто така, Општина Аеродром набави училишна облека за учениците од основните училишта на нејзината територија и за оваа 2015/2016 учебна година, со што продолжува традицијата што почна минатата година учениците од сите основни училишта во Општина Аеродром да носат училишна облека.

 

1.9.2015

Општина Аеродром