Учествувајте на Е-капитолијада 2024!

 

Општина Аеродром, „Нула отпад“ и „Капитол мол“ и оваа година ја почнуваат заедничката екомисија насловена „Е-капитолијада“, односно избор на најдобра екомаска, која има цел да ја подигне јавната свест за заштита на природата и здравјето на луѓето.

Децата и учениците од сите градинки и основни училишта во Општина Аеродром што ќе учествуваат на изборот имаат задача да изработат индивидуална или групна креативна маска во која ќе имаат вклучено најмалку три стари неисправни електронски и електрични уреди и стари потрошени батерии.

Сите учесници треба да испратат фотографија од направената екомаска во директна порака на фејсбук-профилот на „Капитол мол“, заедно со уредно потпишана пријава од родител/старател, која може да се симне од следниов линк:https://www.nulaotpad.com.mk/blog-post/, најдоцна до петок, 29.3.2024 до 12:00 часот. На овој линк моќе да се најде и правилникот за учество во Е-КАПИТОЛИЈАДАТА.

Изработените екомаски ќе бидат презентирaни во форма на дигитална кампања на официјалната фејсбук-страница на „Капитол мол“ под името Е-КАПИТОЛИЈАДА. Добитниците на наградите ќе бидат официјално објавени на Денот на шегата – 1 Април, кога ќе се одржи и ревијалниот дел „Екопарада“ на бината во „Капитол мол“.

Од организаторите и соработниците на проектот се обезбедени три главни индивидуални награди и две групни награди (категорија градинка и категорија училиште). Амбасадата на Република Словенија го препозна овој проект како вистинска заложба за остварување еколошки цели на креативен начин меѓу најмладите и оваа година даде поддршка и ја обезбедува главната награда од стручното жири – велосипед.

Наградите за второ место индивидуална маска и најлајкувана индивидуална маска ги обезбедува „Нула отпад“, наградата за групна маска категорија градинки ја доделува „Офис плус“, а наградата за групна маска категорија училиште ја доделува „Анхоч“. Дополнителни награди за импресивни маски ќе бидат доделени и од соработниците на „Е-капитолијада“.

22.3.2024

Општина Аеродром