Заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и директорот на Јавното претпријатие за комунални дејности, Благоја Ѓорѓиевски денеска извршија обиколка и посетија повеќе локации низ Аеродром со цел да ја увидат состојбата на терен поврзана со хигиената и други комунални прашања.
По големото невреме што пред неколку дена нанесе голема материјална штета, беше детектиран и проблем со јавното осветлување на улиците „Хаџи Трајко“ и „Божин Николов“ во Горно Лисиче, а екипи веќе работат на отстранување на дефектот и се очекува овие линии за осветлување да бидат пуштени во најкус можен рок.
Исто така заменик-градоначалникот Митески оствари средба и со координаторите на сезонските работници кои ја покриваат целата територија на општината. Утринава со полна пареа и различен вид механизација се работи на улицата „Коста Новаковиќ“ во Стар Аеродром, каде што се кастрат надвиснати гранки, се коси тревата и се уредуваат пешачките зони и велосипедските патеки.
Митески најави дека е во план зголемување на бројот на сезонските работници, набавка на нова дополнителна опрема за работа, како и заштитна облека за луѓето кои се грижат за хигиената во нашата општина, а сѐ со цел интензивирање на работата и постигнување високо ниво на хигиена во Аеродром.
Воедно, заменик-градоначалникот Митески ги повикува граѓаните да пријавуваат дефекти на улично осветлување, фрлен отпад и шут, како и други проблеми поврзани со јавната хигиена на телефонскиот број 072 270 886 секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот. На оваа линија во секое време можат да испратат смс или вибер порака со точна локација, а доколку се во можност и фотографии од терен.
Општина Аеродром продолжува со засилено темпо да работи на подобрување на хигиената и на условите во кои живеат и работат нашите граѓани, затоа што чиста животна средина е еден од нашите врвни приоритети.
29.6.2024 година
Општина Аеродром
18-07-25
Општина Аеродром отпочна целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица „2“ во Долно Лисиче, со што преку реализација на овој значаен проект конечно се решава повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето на жителите во овој дел од Аеродром.