НОВИ ДЕТСКИ ИГРАЛИШТА И УРБАНА ОПРЕМА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ
Со цел да се унапреди квалитетот на урбаниот живот и да се создадат подобри услови за рекреација и забава на граѓаните, Општина Аеродром во периодов работи на реализација на неколку значајни инфраструктурни проекти.
В. д. градоначалникот, Дејан Митески, денеска изврши обиколка на локациите каде што се работи, при што истакна дека овие проекти се дел од континуираната заложба на Општина Аеродром за подобрување на урбаната инфраструктура и квалитетот на живот во сите делови на општината.
Во населба Лисиче, во паркот спроти Крстот, е поставено ново детско игралиште, опрема за вежбање на отворено, извршена е целосна реконструкција на кошаркарското игралиште, како и инсталација на ново ЛЕД-осветлување, со што ќе обезбеди поголема безбедност и можност за користење на просторот и во вечерните часови.
Исто така, покрај булеварот „Февруарски поход“ во населба Ново Лисиче, на целосно нова локација, е поставено современо детско игралиште, со што нашите најмали жители од овој дел на Аеродром можат да се дружат и да се забавуваат во убаво уредена урбана зона.
Во паркот „Јане Сандански“, пак, се работи на комплетна реконструкција на урбаната опрема, со што просторот добива нов, модерен изглед и обезбедува пријатна и функционална околина за одмор, дружење и рекреација за сите генерации, особено во топлите летни денови.
Ги повикуваме граѓаните активно да ги користат новите содржини и заеднички да се грижиме за нивното одржување.
11.6.2025 година
Општина Аеродром




