ООУ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ“ ГО ПОЧНУВА ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ СО НОВ ЛИК – СОВРЕМЕНИ УСЛОВИ И КАПИТАЛНА ИНВЕСТИЦИЈА НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Со голема чест и особена гордост, денеска одбележавме навистина значаен момент за Општина Аеродром. Градоначалникот Дејан Митески, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, свечено го пуштиија во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин.
 
Ова е ден што ќе остане запаметен како симбол на напредок, визија и искрена грижа за иднината на нашите деца.
 
Најважно од сè – нашите ученици конечно добиваат услови какви што заслужуваат. По цели 70 години, ООУ „Блаже Конески“ доби нов лик и прерасна во едно од најсовремените училишта во земјава. Простор каде што децата ќе учат со радост, ќе се развиваат и ќе го градат своето знаење во современа и безбедна средина.
 
Новите училници, кабинетите и заедничките простории значат повеќе простор за квалитетна настава, подобри услови за наставниците и уште поголема мотивација за учениците.
 
Ова не претставуваше само градежен зафат – ова е вистинска капитална инвестиција во иднината на Аеродром. Проектот е вреден 200 милиони денари и се реализира од буџетот на Општина Аеродром со силна поддршка од Владата.
 
Со овој проект, училиштето доби 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици, без исклучок.
 
Општина Аеродром не застанува тука – веќе се реализира и втората фаза од овој проект, вредна 253 милиони денари, која ќе опфати современа спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека и просторен хол за активности, како и партерно уредување на училиштниот двор со игралишта, зеленило и нов паркинг.
 
18.1.2026 година
Општина Аеродром
 
 
 

 

Актуелно

img
img img

Видео